Научна конференција „120 години од Илинденското востание“ ќе се одржи денеска во конференциската сала на старото училиште во Крушево, со почеток во 10 часот. Организатор на научната конференција е Матицата на иселениците од Македонија.
Научната конференција ќе ја отвори претседателот на МАНУ проф.д-р Љупчо Коцарев, а поздравен говор ќе има градоначалникот на Општина Крушево Томе Христоски.
– Во рамките на научната конференција во 10.30 часот, проф.д-р Катерина Тодороска ќе го промовира „Зборник на трудови – 120 години од Илинденското востание“, а проф.д-р Ленина Жила ќе ја промовира монографијата “Документи од Државниот архив на Македонија – 5 тома“.На научната конференција со почеток во 11.30 часот ќе се претстават трудовите за Илинденското востание од учесниците Катерина Тодоровска, Владо Поповски, Наташа Котлар Трајкова, Билјана Ванковска, Васил Тоциновски, Ленина Жила и Јасмина Дамјановска, Силвана Сидоровска Чуповска, Валентина Миронска, Благица Сековска, Васил Стерјовски и Васко Гичевски, известуваат од Матица на иселеници.
Во рамки на конференцијата Стојан Герасимов и Костадин Георгиев ќе одржат трибина на тема „Нашата борба за македонството во Пиринска Македонија“.
Планирано е и отворање на изложба „Илинден во иселеничкиот печат“, подготвена од Елена Оровчанец – Спироска, со графичка обработка на Кристијан Петрески. Покровители на научната конференција се општините Крушево, Прилеп, Карпош, Куманово и Битола.