Оставките на министрите од ДУИ, кои ги најави лидерот на оваа партија Али Ахмети, денеска и формално ќе бидат доставени до премиерот Димитар Ковачевски. Условените оставки ќе бидат потпишани поединечно од сите министри на ДУИ, најави шефот на македонската дипломатија и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи.

Министерските оставки од ДУИ како што бараше опозициската ВМРО ДПМНЕ и предвремени избори за возврат да ги поддржат уставните измени и да се продолжи започнатиот процес за пристапување во ЕУ се на маса ! Македонската европска-партијата шах е во пат позиција.
На потег е ВМРО ДПМНЕ. Дали ќе го одбере победничкиот или губитничкиот потег ! Народот во кој се повикуваат според анкетите на јавното мнение сеуште во огромно 80 отсто мнозинство, се изјаснува за влез на земјата во ЕУ. Друга понуда на маса барем јавно сеуште нема. Останува европски пат или ќорсокак !?
Ако пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ гласаат за уставните измени, на сила веднаш стапуваат понудените оставки на министрите. ДУИ која ќе премине во опозиција ќе се откаже и од функциите што би и следувале во техничката (Пржинска) влада задолжена за спроведување на изборите, како и од функцијата премиер Албанец во последните 100 дена.
-Граѓаните бараат од нас Европа, бараат просперитет, стабилност, да си го планираат животот овде во државата. Ние го направивме нашиот чекор – се повлекуваме од сите наши позиции само заради тој сон на граѓаните, вели Османи.
Во однос на опозицискиот став дека сега на масата останале само предвремените избори, Османи оцени дека со тоа на виделина излегуваат личните и партиските агенди наспроти државните интереси. Во интервју на ТВ Телма тој изјави дека е уверен оти уставните измени сепак ќе се реализираат и Македонија ќе продолжи по европскиот пат.
-Уставните измени ќе се случат, затоа што е тоа волја на граѓаните за членство во ЕУ и никој не успеа во овие 30 години да ја скрши таа волја, нема да успее ниту сега. Првата битка ја добивме, граѓаните се уверија дека нема ништо спорно во уставните измени. Верувајте дека битка по битка ќе успееме пред избори да имаме уставни измени, рече Османи.
Ако сепак не се случи тоа, тој е убеден дека нема да има предвремени избори.
-Изборите ќе бидат во редовниот термин, напролет идната година, а дотогаш, до последниот ден ќе работиме на обезбедување на европска иднина за граѓаните и верувајте дека во тоа ќе успееме, затоа што ги имаме граѓаните позади нас, порача Османи.
.