Помош и нега во домот достапни и во Прилеп, Крушево, Долнени и Кривогаштани 

На 120 постари лица и лица со намален функционален капацитет од Прилеп, Долнени и Кривогаштани, како и на 60 лица со попреченост, постари и изнемоштени лица кои живеат на територијата на општина Крушево, им станува достапна социјална услуга за помош и нега во домот.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска им ги додели дозволите за вршење дејност од социјална заштита на давателите кои треба да им ја овозможат социјалната услуга на корисниците во споменатите општини. Тоа се: општинската организација на Црвениот крст Крушево, која ќе ја нуди услугата за помош и нега во домот на корисниците во Крушево, како и  Центарот за развој и едукација што ќе ја нуди оваа услуга на корисниците од Прилеп, Долнени и Кривогаштани.

Воедно, министерката Тренчевска ја искористи оваа прилика за да посети и корисници на новата услуга во нивните домови во селото Лажани, општина Долнени и во селото Слевеј во општина Кривогаштени, каде во непосреден разговор директно се запозна со потребите на овие лица кои не се во можност самостојно да се грижат за себе, како и да ги информира за придобивките од  социјалната услуга што тие ќе почнат да ја добиваат.

„Луѓето и нивните потреби се она што нѐ водеше во процесот на конципирање и реализација на социјалната реформа, со чија реализација, помеѓу останатото, обезбедуваме квалитетни социјални услуги за оние на кои тие им се најпотребни, онаму каде што тие се чувствуваат најсигурно – во нивните домови. Сакаме да го подобриме квалитетот на живот на овие луѓе и тие да добијат подобра социјална заштита. Тој беше и останува главната цел на социјалната реформа и истовремено тоа е гаранција за нејзиниот успех”, изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Таа ја истакна и втората многу значајна придобивка од социјалата реформа, со чија реализација се креираа можности за вклучување на пазарот на трудот на невработени лица, особено од социјално загрозените категории, кои преку соодветна преквалификација и обука добиваат можност да се стекнат со сертификати за негуватели или друг индивидуален давател на социјална услуга и на таков начин да ја обезбедат стабилни приходи за себе и за своето семејство.

Лиценцираните негуватели кои ќе бидат ангажирани за помош и нега во домот секојдневно ќе им помагаат на корисниците полесно да ги извршуваат своите секојдневни активности, почнувајќи од одржувањето на личната хигиена, облекувањето, хранењето, движењето во домот, а ќе обезбедуваат и поддршка при чистење, перење, готвење, набавки на намирници, земање медицинска терапија и слично.

Воведувањето на социјалната услуга за помош и нега во домот ја поздравија и градоначалниците на општините  Крушево, Долнени и Кривогаштани. Токму децентрализацијата на социјалната заштита и преносот на ингеренциите за спроведување на социјалните услуги од централно на локално ниво, е исто така значен ефект и придобивка од социјалната реформа.

Воведувањето на новата социјална услуга е дел од Компонентата 1 на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го имплементира Министерството за труд и социјална политика, со финансиска поддршка од Светска банка. Досега се поддржани 34 проекти во 37 општини. Покрај услугата помош и нега во домот, се обезбедуваат и дневни центри за стари лица, дневни центри за престој на лица и деца со попреченост и центри за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост, како и услугата лична асистенција. За давање на услугите засега се обучени 300 лица, а ќе бидат опфатени повеќе од 1200 корисници.

Треба да знаете
Последни објави