Претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за МИА ја истакнува важноста за иднината на државата од носењето на уставните измени, потенцирајќи дека тежината на процесот е кон власта, но оти насушна е потребата за вклучување и преземање на дел од одговорноста и на опозицијата за иднината, а не за решение за наредни избори. Седницата за уставни измени почнува на 18 август, а дебатата треба да заврши на 31 август, но вели тој, гласањето може да биде одложено, а ако нема услови воопшто и да не се случи.
-Седницата на 18-ти август ќе се отвори и ќе се усвои дневниот ред како што е постапката, затоа е потребно присуството од 61 пратеник, а гласање минимум една третина од вкупниот број. Тоа е општ принцип и секако се отвора дискусија, дебата, се повикува според процедурата да се отвори дебата. Што ќе биде, како ќе биде не можам да кажам сега оти не можам да предвидам. Но, обврска ми е да имам испланирано десет работни дена да може да работи Собранието доколку има пријавено за збор за толку, значи максимумот за да трае дебатата е десет дена. Десеттиот ден завршува дебатата без оглед дали останале уште говорници или не, појаснува Џафери.
Според пресметките, десетиот ден за дебата би бил 31 август, но Џафери исто така посочува дека доколку нема двотретинско мнозинство гласањето може да биде одложено, но и дека тоа може и да не се случи, со што постапката за уставни измени завршува.
-Во секој случај, и отворена е можноста и постои таква пракса и гледате, еве скоро цел мандат одложено гласање поради калкулација на пратениците со кворумот, додава Џафери.
Џафери не одговара директно до кога може да се одложува гласањето во првата фаза односно за утврдување на потребата за носење на уставните измени, за да се стаса до ноември или до крајот на годината со уставните измени за да може да се отвори патот за одржување на втората меѓувладина конференција.
За тоа дали власта има калкулации за рокот до кога би можело да има некаков дијалог со опозицијата и да се најде начин за гласање на уставните измени, Џафери нагласува дека „во суштина процедурално може“ да има одлагање и „да не се случи воопшто гласањето“.
Навраќајќи се на искуството од 2008 година кога требаше да станеме членки на НАТО, вели дека „не мора да ги повториме грешките“. Историски, додава тој, се преземени многу одлуки за коишто во времето на одлучување имало спорни мислења.
-Еве, во предвечерие сме на Илинденско востание, така? Донесена е одлука ќе се оди во вооружено дејствие. Мислите сите беа едногласни во таа одлука? Не. Но, од перспектива 120 години се има држава за која што првичната одлука со сиот ризик не политички, туку физички ризик, така, но имале доблест затоа што мислеле за иднината, а не мислеле за својот статус свој. И ние овде што побрзо се свестиме и да мислиме за иднината и за тие идни генерации коишто ќе наследат работа овде, да им оставиме барем растеретен отворен пат по којшто ќе можат да се развиваат и да си одат понатаму. За окружувањето сега безбедносно што позиција би била наша да сме биле надвор од НАТО институцијата? Како ќе бевме третирани?, потенцира Џафери во интервјуто за МИА.