„НАТО во новиот светски поредок: Геополитика и Реализам“ книга на Здравко Василевски во книжарницата ТРИ

Без теории на заговор, без шпекулации, без скриени агенди и индоктринирани ставови. Чист реализам и заклучоци базирани на факти. Тоа е препораката на авторот на книгата „НАТО во новиот светски поредок: Геополитика и Реализам“, која е во продажба на македонскиот пазар.

– Темата е одбрана бидејќи е исклучително важна и моментално актуелна, се наоѓаме среде геополитички и де факто воен судир помеѓу НАТО и Руската Федерација. Нашата држава како дел од Алијансата е и директно засегната страна во овој судир. – вели авторот и дополнува дека уште во 2014 година со руската анексија на Крим било јасно дека се започнати иреверзибилни процеси кои може да еволуираат во конфликт со несогледливи последици.

– Оттогаш, расцепот во односите помеѓу НАТО членките и Руската Федерација се повеќе се зголемуваше. На секоја ескалација се одговараше со уште повеќе ескалација, што беше особено видливо по 24 февруари 2022. Директното вклучување на Русија во Украинската граѓанска војна значеше преминување на еден опасен Рубикон. Светот влезе во една трусна фаза на геополитички земјотреси, во кои глобалната безбедносна архитектура едвај се одржува. Поради тоа, иднината е непредвидлива, но сепак, може да се конструираат издржани претпоставки во кој правец ќе се развиваат настаните. Патем, за многу теоретичари оваа војна и не е големо изненадување, а за тоа детално зборуваме низ целата книга. Историјата се повторува циклично, а токму тоа се случува и сега. „Стари непријатели стануваат пријатели, стари пријатели стануваат непријатели, а стари непријатели остануваат непријатели” – посочува Василевски.

Во книгата во голема мера авторот се осврнува на тековниот конфликт во Украина, причините поради кои настана, последиците за сите засегнати страни и идните перспективи. Концизно се разработуваат односите помеѓу НАТО членките внатре во организацијата, но има и осврт на односите на Западот кон Кина и Русија од две гледишта, од западното и од Руско/Кинеското

Здравко Василески е роден во Скопје 1991 година. Тој е дипломиран економист. Првата магистратура по Меѓународен Бизнис ја завршил на HULT школата во Лондон и Сан Франциско. Втората магистратура ја започнал на Универзитотот во Белград, смер Тероризам, Безбедност и Организиран криминал.

Книгата е достапна во книжарница ТРИ.

Треба да знаете
Последни објави