Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека се надева оти „мировниот самит“ би можел да се одржи оваа есен во Украина и дека овонеделните разговори во Саудиска Арабија се отскочна штица кон таа цел.
„Работиме на тоа самитот да се одржи оваа есен. Есента доаѓа многу наскоро, но има уште време да се подготвиме за самитот на кој ќе учествуваат повеќето светски земји“, рече Зеленски, пренесе Ројтерс.
Агенцијата наведува дека претседателот на Украина и неговиот тим работат со сојузниците за да соберат широка поддршка за мировниот самит, кој, според Ројтерс, „има за цел да се стави крај на руската агресија која започна во февруари 2022 година“.
Самитот ќе се заснова на планот од 10 точки што претходно го објави Зеленски, кој вклучува целосно обновување на територијалниот интегритет на Украина и целосно повлекување на руските војници, заштита на безбедноста на храна и енергија, нуклеарна безбедност, како и ослободување на сите затвореници.