Албанската полиција ги засили контролите и продолжува со апсење на сите кои се обидуваат да ги запалат шумите кои се едно од национални богатства на земјата.
По апсењето подметнувачи на пожари, премиерот Еди Рама им честиташе на полициските службеници за нивната ангажираност, притоа апелирајќи до “обвинителите и судиите да го почитуваат законот со казнување на виновници”.
– Уште еден пироман уапсен на дело од страна на државната полиција и уште една причина да се апелира до обвинителите и судиите одговорно да го спроведуваат законот, кој предвидува затворска казна до 15 години за овој тип криминалци. Уште еднаш честитки до Државната полиција за многу добрата работа што ја прави на овој фронт за заштита на колосалното богатство, создадено од генерации за идните генерации, напиша Рама на Фејсбук.
Додава дека во 79 случаи на подметнување пожари решени се 55, при што кривично се гонети 62 сторители.
– Дваесет пиромани се во притвор, додека другите се бранат од слобода, но се уште нема целосна казна, како резултат на скандалозниот и бесрамно неодговорен пристап на дел од обвинителите и судиите во областите, кои очигледно немаат татковина. Немаат татковина, ниту религија, ниту милост, оние кои со рамнодушност пристапуваат кон злосторство како што е палењето на таков скапоцен имот, кој им припаѓа на сите деца на Албанија и на целото човештво, посочува Рама.
Потсетува дека со измените што се направени во Кривичниот законик изминатите години, палењето шуми се казнува со затвор до 15 години и го повторува апелот до правосудните органи да бидат на ниво на задачата.
Во земјата само во последните десеттина дена регистрирани се околу 150 пожари во шумски предели и маслинови насади.