Народната банка донесе одлука каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,15 п.п. до нивото од 6,15%. На седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,15 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 4,05% и 4,10%, соодветно, соопштија од НБРМ.
Оттаму додаваат дека со оглед на применуваната монетарна стратегија, при носењето на монетарните одлуки се зема предвид и поставеноста на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), ова претставува усогласување бидејќи ЕЦБ неодамна донесе одлука за дополнително зголемување на каматните стапки.
Последната корекција од страна на НБРМ беше направена во јуни кога основната каматна стапка се зголеми за 0,25 процентни поени, до ниво од 6%.
Од почетокот на годината НБРМ четири пати правеше корекции на основните каматни стапки – во февруари, март, мај и јуни.
Исто така, заради натамошна поддршка на процесот на денаризација на билансите на банките, донесена е и одлука за зголемување на стапката на задолжителна резерва на девизните обврски од 19% на 20%, зголемување на стапката на задолжителна резерва на обврските во денари со девизна клаузула од 50% на 100%, како и пораст на процентот на одржување на задолжителната резерва од обврските во странска валута којашто се исполнува во евра, од 77% на 80%.