Папата ги повика студентите да го направат светот поправеднo и поинклузивнo место

Папата Франциско денеска на вториот ден од посетата на Португалија, ги повика студентите да го направат светот поправедно и поинклузивно место и да ја искористат својата привилегија во борбата против глобалното затоплување и економската нееднаквост.

Тој ги повика студентите да преземат ризик и да го отфрлат искушението само да одржуваат статус кво, односно, како што рече, сегашниот глобален систем на елитизам и нееднаквост.

„Академскиот степен не треба да се гледа само како лиценца за постигнување лична благосостојба, туку како мандат да се работи за поправедно и поинклузивно, т.е. вистински прогресивно општество“, рече папата.

Тој ги повика студентите да ја искористат привилегијата на своето образование за да работат за општо добро, особено во грижата за животната средина, сиромашните и маргинализираните. Посочи дека сегашните ветувања за спречување на глобалното затоплување само ја одложуваат, како што вели, неизбежна катастрофа.

„Наместо поларизирани пристапи, потребна ни е единствена визија, визија која е способна да ја опфати целината“, рече папата Франциск.

По Католичкиот универзитет, папата го посети и крајбрежниот град Кашкаиш, каде што се наоѓа локалниот огранок на неговата фондација „Сколас Окурентес“, која ја основа пред многу години за да ги собере младите од различни потекла и националности. Најголемиот фестивал на католичката младина, Светскиот ден на младите се одржува од 1 до 6 август во Лисабон. Фестивалот, основан на иницијатива на починатиот папа Јован Павле, се одржува на секои две до три години. 

Треба да знаете
Последни објави