Сечењето шуми во Амазонија во јули падна на најниско месечно ниво од 2017 година, според владините податоци објавени денеска.
Сателитските снимки од бразилската Агенција за вселенски истражувања ИНПЕ покажуваат дека во јули се „исчистени“ 500 квадратни километри прашума, што е за 66 отсто помалку од истиот период минатата година.
Во првите седум месеци од годината, сечењето на шумите кумулативно се намалило за 42,5 отсто во споредба со истиот период лани, покажуваат прелиминарните податоци на ИНПЕ.
Последователните падови во јуни и јули се особено ветувачки, бидејќи претходно во тие месеци беше забележано најголемо уништување на шумите, со оглед на тоа дека се работи за посушен период.
Податоците пристигнуваат во пресрет на средбата на бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва со лидерите на земјите од Амазонија на состанокот во северен Бразил, на тема заштита на најголемата прашума во светот.
Лула вчера рече дека за прв пат на средбата ќе се обиде да се договори за заеднички пристап за заштита на регионот, кој ќе вклучи прашања за безбедноста на границите и барање приватни компании да учествуваат во пошумувањето на 30 милиони хектари.