Ковачевски: Четири нови инвестиции во обем над 150 милиони евра се во завршна фаза на преговори

Четири нови инвестиции со вкупен обем од над 150 милиони евра се во завршна фаза на преговори, посочува премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за МИА.

– Она што е важно е да се креираат нови работни места во приватниот сектор, кој треба да е мотор на економскиот раст во државата. Токму затоа ние создаваме услови компаниите да се развиваат и да исплаќаат повисоки плати, од просечната. Во таа насока, сакам да напоменам дека новите инвестиции и новите вработувања се нов стимул на економијата, вели Ковачевски.

Потсетува дека во технолошко-индустриските развојни зони постигнати се договори за инвестиции од над 280 милиони евра, меѓу кои и најголемата гринфилд инвестиција од осамостојувањето на државата од 205 милиони евра со азискиот електро-гигантот „Јагео“. Овие инвестиции во следните десет години, како што посочува Ковачевски, треба да донесат над 4600 работни места и над 90 милиони евра во Буџетот само по основ на придонеси. 

-Без нови инвестиции, нема раст на економијата. За нас, се еднакво важни, како домашните, така и странските инвестиции. По рекордните бројки на највисоката финансиска поддршка за најголем број компании во изминативе пет години која ја обезбедивме минатата година и годинава продолжуваме со маркирање на рекорден интерес за сетот мерки кои ги обезбедуваме преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, вели Ковачевски.

Посочува дека годинава се пристигнати рекорден број апликации, вкупно 427 апликации за поддршка преку овој Закон, а склучени се 294 нови договори со планирани инвестиции од 365,9 милиони евра, што, како што оценува, е тројно повеќе од планираните во 2022 година.

– Најголем број од компаниите се од областа на дрвната индустрија, мебел, печатници и производи од хартија, потоа метало-машинската индустрија, производи од лим, алуминиум, стакло, како и прехранбено-преработувачката индустрија, но има и од текстилната, кожарско-преработувачката индустрија, потоа информатичко-комуникациската индустрија, фармацевтската и хемиската индустрија. Рекордниот број апликации се резултат на зголемената доверба на компаниите кои препознаваат партнер во Владата, нагласува премиерот.

Треба да знаете
Последни објави