Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека Србија ќе направи се за мир во Косово, но дека не ги прифаќа триковите на властите во Приштина, како повлекувањето на 25 отсто од полицијата од општинските згради на северно Косово, јави дописникот на МИА од Белград.
Дачиќ изјави дека властите на Албин Курти од Приштина испратиле полиција на северот на Косово и покрај тоа што немале дозвола од КФОР или согласност од српските општини и оти сега се очекува Србија да биде задоволна со повлекувањето на 25 проценти од полицијата од општинските згради на север, иако немале право да ги испратат таму.
– Курти нема право на тоа што го направи. Тоа е спротивно на меѓународните договори, тој испрати полиција на северот на Косово, иако немаше дозвола од КФОР или согласност од српските општини. Сега треба да бидеме задоволни што ќе повлече 25 проценти и сега сите во меѓународната заедница се среќни што ете деескалацијата започна. И оние што велат дека тоа нема врска со деескалација сега го поздравуваат тој чин. Мислам дека тоа е исмевање на целата меѓународната заедница и показател колку тие воопшто немаат намера да влијаат на Курти, рече Дачиќ.
Тој додаде дека треба да им се оддаде признание на Србите кои живеат во Косово, кои стоички го поднесуваат теророт кој се врши врз нив, наведувајќи дека властите во Приштина најмногу ги боли мирниот отпор на српскиот народ и неговото единство.
Зборувајќи за санкциите што САД ги воведоа на државниот врв на Република Српска, Дачиќ изјави дека Србија ја осудува политиката на санкции, особено кога станува збор за санкции воведени од поединечни држави.