Бајден заминува на турнеја за да ја промовира својата еколошка политика

Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе отпатува во западниот дел на САД за да ја промовира својата еколошка политика, а прво ќе застане на едно од најспектакуларните природни места во светот, Големиот Кањон.

Според американски медиуми, Бајден во таа прилика би можел да најави формирање огромно заштитено подрачје околу тоа место, каде пред сè би било забрането вадење ураниум. Американскиот претседател утре ќе престојува во Аризона, а в среда ќе отпатува за Ново Мексико. Тој потоа ќе се упати во Јута в четврток на патување посветено на неговите програми за ветерани.

Според Белата куќа, 80-годишниот демократ, кој треба да се кандидира за нов претседателски мандат следната година, има намера „да ги претстави историските инвестиции на неговата администрација во заштитата на климата, заштитата на природните живеалишта и чистата енергија“. Џо Бајден редовно ги нарекува климатските промени „егзистенцијална закана“, критикувајќи ги оние во републиканската опозиција што ги доведуваат во прашање .

Заедно со заштитата на климата, Бајден ќе се обиде да ја зајакне својата кандидатура за реизбор за време на неговата посета на три западни американски држави со истакнување на неодамнешните економски успеси и неговите достигнувања во финансирањето на нови инфраструктурни проекти.

Стратегијата на Бајден за новиот мандат е фокусирана на едукација на американската јавност за моќта на економијата и како неговата законодавна агенда ги менува нивните животи.

Американската економија ги надмина предупредувањата за рецесија, има рекордно ниска стапка на невработеност, раст на платите и подобар од очекуваниот раст на БДП.

Но, некои Американци кои гласаа за Бајден во 2020 година веруваат дека економијата поминала лошо под негово водство и велат дека можеби нема да гласаат за него во 2024 година, според анкетата на Ројтерс/Ипсос објавена минатата недела. 

Треба да знаете
Последни објави