Oбвинителството на БиХ потврди дека во земјата е уапсен маж поврзан со терористичката организација Исламска држава (ИД) кој планирал да изврши терористички напад и затоа од државниот суд било побарано да му одреди притвор.
Како што се наведува во соопштението на Обвинителството на БиХ, станува збор за М.К. (42) кој живее во Зеница и претходно бил осуден за кривични дела поврзани со тероризам и престој на боиштата во странство.
Тој беше уапсен на крајот на јули од страна на членовите на Државната агенција за истраги и заштита, јавуваат медиумите во БиХ.
Го обвинуваат дека користел апликации за комуникација за да контактира со луѓе кои поддржуваат радикални движења и поддржувачи на ИД минатиот месец. Во преписката која ја пресретнала полицијата, тој потврдил дека планирал експлозивен напад врз џамија во Босна и Херцеговина во јули.
Од лицата со кои контактирал побарал упатство за изработка на експлозивна направа со детонатор.
Неговиот план бил да ги нападне научниците на Исламската заедница во БиХ кои објавуваат прогласи против исламските радикали и кои, како што тврдел, ги пријавуваат поддржувачите на радикалните движења и ИД во полицијата во БиХ.
При апсењето полицијата ја одземала електронската опрема што ја користел и на истата сега се врши дополнително вештачење.
Тој е осомничен за кривично дело тероризам.