Десетици европски и американски парламентарци испратија заедничко писмо до претставниците на САД, Европа и Велика Британија во кое бараат да ја преиспитаат политиката кон Косово и Србија, јави Бета.
Писмото упатено до шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, американскиот државен секретар Ентони Блинкен и британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли, го потпишаа претседателите на комисиите за надворешна политика на парламентите на 10 земји, како и 56 други парламентарци од бројни земји, како и членови на Европскиот парламент.
Во писмото, кое меѓу другото го потпишаа претседателката на Комисијата за надворешна политика на британскиот парламент, Алиша Кернс и претседателот на Комисијата за надворешна политика на германскиот парламент, Мајкл Рот, како и претседателот на Комисијата за европски прашања на Бундестагот, Тони Хофрајтер, се изразува загриженост поради актуелната политика на ЕУ, САД и Велика Британија кон Србија и Косово и се бара таа да се преиспита.
„Потребна ни е кредибилна стратегија посветена на слободата, демократијата, човековите права и дипломатијата на одвраќање“, рекоа Кернс и Рот во писмото што го објавија денеска на Твитер.
Наведувајќи дека последните настани и кризи ги истакнаа недостатоците на колективниот пристап, поради што бараат тој да се преиспита, потписниците нагласуваат дека „фокусот мора да остане на нормализирање на односите и продолжување на евроатлантскиот пат и за Србија и за Косово“, но и дека „неодамнешните немири бараат од сите страни повторно да се фокусираат на деескалација и одвраќање“.
Потсетувајќи се на последната криза на северот на Косово по бојкотот на локалните избори, потписниците на заедничката изјава нагласуваат дека „Косово е суверена земја и функционална демократија“ и дека „овој факт треба да биде основа за колективна политика кон актуелна криза“.
„Обидите на Србија да ги наруши демократските избори во Косово мора јавно да бидат критикувани како странско мешање со опипливи мерки за да ги повикаат на одговорност доколку продолжат да ги поткопуваат слободните и фер избори. Ова ќе помогне да се олеснат идните избори со целосно учество на сите заедници во општините на север“.
Во писмото се посочува дека мора да се примени дипломатијата на одвраќање за да се реши актуелната криза, дека дијалогот со посредство на ЕУ треба да даде позитивни резултати и да се спроведе Охридскиот договор. Бараме да се врати рамнотежата и пропорционалноста во односите со Косово и Србија.
Потписниците на заедничкото писмо посочуваат дека досегашниот пристап не функционира и бараат меѓународната заедница да научи од минатото.
Тие, исто така, бараат од претставниците на САД, ЕУ и ВБ да размислат за усвојување политика на дипломатија на одвраќање за да се спречи понатамошно влошување на безбедносната и политичката ситуација на северот на Косово.
Заедничкото писмо до Брисел, Вашингтон и Лондон го потпишаа пратениците на парламентите на Велика Британија, Литванија, Летонија, Украина, Австрија, Италија, Германија, Холандија и други земји, како и пратеници во Европскиот парламент.