Илија Лазаревиќ, момчето кое исчезна на почетокот на април 2021 година, е починатото лице кое беше пронајдено во бездна кај местото викано Просек, Демир Капија, на 27-ми март годинава.
Веста ја потврди неговата мајка Снежана. Таа вели дека местото каде бил пронајден, во минатото Илија често пати го посетувал, бидејќи сакал да шета во природа. Бидејќи теренот е стрмен, најверојатно се лизнал и така паднал во бездната.
Околу тоа дека било забележано тело во длабока бездна во Просек уште во март, информираа од СВР Велес, од каде појаснија дека станува збор за непристапен терен, па специјални екипи дури по четири дена успеаа да го извлечат. Потоа телото беше предадено на обдукција, од која резултатите семејството ги добило дури сега.
Илија излегол од дома да се прошета и не се вратил повеќе. Неговата мајка во очај апелираше до јавноста да помогне во пронаоѓањето на нејзиниот син, за кого до последен момент веруваше дека е жив.
Тој во моментот на несреќата имал 30 години.
.



