Политичките партии СДСМ и ДУИ, како и останати партии од коалицијата поднесоа Манифест на лидерите на политичките партии застапени во Собранието, а во врска со водењето преговори за полноправно членство во ЕУ до Собранието.
„ Овој Манифест е на линија на политиките на СДСМ, тој е добра основа за градење единство околу иднината на земјата и со него Собранието дефинира рамки на позиции по кои мора да постапуваат сите надлежни институции во преговорите со ЕУ.
Затоа, време е за обединување на сите политички лидери, преку потпишување на заеднички Манифест со кој сите заедно ќе се обврзат за ефикасно водење на преговорите за пристапување во ЕУ.
Токму преку овој Манифест сите лидери на политичките партии се обврзуваат дека ќе настојуваат пристапните преговори да завршат во најкраток можен рок, а притоа целосно заштитувајќи го идентитетот, традицијата, јазикот и општествените вредности на граѓаните“ стои во соопштението од СДСМ.
Од политичката партија ДУИ исто така преку соопштение информираат за поднесениот Манифест каде исто така повикуваат на заедништво околу членството во ЕУ.
„Поддршката од страна на ДУИ доаѓа како резултат на нејзината силна промоција на ЕУ интеграциите, како партија која недвосмислено ја потврдува својата решеност за реализирање на оваа стратешката цел. Оттука, ДУИ смета дека е време за обединување политички партии, неполитички субјекти и невладини организации преку овој важен чекор на потпишување на заеднички Манифест со кој сите заедно ќе се обврзат за ефикасно и квалитетно водење на преговорите за пристапување во ЕУ. Во Манифестот повикуваме на прифатените заеднички европски вредности кои произлегуваат од Копенхашките критериуми,
Процесот за стабилизација и асоцијација, преговарачката рамка, а сè со цел што поквалитетно завршување на преговарачкиот процес и побрз влез во ЕУ.
Оттука, во манифестот се наведуваат повеќе аргументи кои се од витално значење за целото општество, а преку кои тие се обврзуваме пристапните преговори да завршат во најкраток можен рок, притоа заштитувајќи го идентитетот, традицијата, јазикот и општествените вредности на граѓаните“ велат од Мала Речица.
Во јавно објавениот Манифест стои дека тој останува отворен за широка општествена поддршка, а меѓу иницијаторите покрај СДСМ и ДУИ се и партиите: Алијанса за Албанците (АА), Либерално-демократска партија (ЛДП), Нова социјал-демократска партија (НСДП), Демократска Партија на Албанците (ДПА), Партија за движење на Турците (ТХП), Демократска партија на Турците во Македонија (ТДП), Демократска обнова на Македонија (ДОМ), ВМРО- Народна партија (ВМРО-НП), Партија на пензионерите (ПП) и Српска странка во Македонија.




