Осумте земји кои го делат басенот на Амазон не успеаја да постигнат заеднички договор за ставање крај на уништувањето на шумите на состанокот во Бразил. Претставници од осум земји се состанаа во бразилскиот град Белем на дводневен самит за ова прашање, прв таков собир по 14 години, а во заедничката декларација усвоена во вторникот, тие се согласија за сојуз за борба против уништувањето на шумите, но е оставено секоја земја да ги оствари своите цели за зачувување на шумите, објави Би-Би-Си.
Во заедничката изјава, наречена Белемска декларација, се вели дека новата алијанса ќе има за цел да спречи дождовната шума во Амазон да достигне „точка од која нема враќање“.
Зачувувањето на Амазон е во центарот на напорите за борба против климатските промени.
Пред самитот, бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва повика на усвојување на заедничка цел за ставање крај на уништувањето на шумите до 2030 година, стратегија што веќе ја усвои бразилската влада.
Околу 60 отсто од Амазон, најголемата прашума во светот, му припаѓа на Бразил.
Други земји кои учествуваа на состанокот се Боливија, Колумбија, Еквадор, Гвајана, Перу, Суринам и Венецуела.
Во својот воведен говор во вторникот, Лула истакна дека климатската криза сериозно се влошила и дека тоа бара итна обединета акција од сите земји.
Состанокот во Белем се смета за подготовка за конференцијата на ОН за климатски промени, која ќе се одржи во 2025 година, исто така во Белем. Уништувањето на шумите во Бразил е значително намалено откако Лула ја презеде функцијата претседател од претходникот Жаир Болсонаро, но илјадници квадратни километри шума сè уште се губат секоја година.