За едно деноноќие терапијата за третман на заразените со Конго-кримска хеморагична треска (KKXT) стигна во нашата земја. Министерот за здравство Меџити објави дека и покрај реткоста на терапијата, МЗ успеале лекот итно да се обезбеди за нашата земја.
По детектираниот прв случај на ККХТ итно побарав да се обезбеди соодветна терапија за третирање на пациенти, информираше министерот.
,,Во рок од 24 часа лекот беше обезбеден во нашата земја, без разлика што станува збор за терапија која е многу ретка дури и за земјите кои имаат голем број заразени. Веднаш по пристигнувањето на лекот беше организиран вебинар со СЗО и колегите лекари од КИБФС, за споделување искуства околу третирањето на пациентите”- објави министерот на својот профил на ФБ.
Пред неколку недели жена од штипско ја загуби битката со ККХТ по каснување од крлеж. По итна интервенција и координација на здравствените власти, десетици контакти беа изолирани и ставени под лекарски надзор. Досега само кај еден од изолираните контакти се утврди присуство на ККХТ.