Кошаркарската репрезентација на Македонија ќе биде значително ослабена на предолимпискиот турнир во Талин, откако во последен момент од селекцијата на Александар Јончевски отпадна Ненад Димитријевиќ. Плејмејкерот на Уникс Казан ја повредил тетивата на последните два пријателски натпревари против Полска во Белград.
Отсуството на најдобриот кошаркар сигурно ќе биде голем удар за шансите на Македонија на овој турнир.
Кошаркарите утре патуваат за Талин, каде во наредните денови ќе одиграат три натпревари на предолимпискиот турнир. На 12 август, во првото коло Македонија ќе се сретне со Израел, еден ден подоцна ривал ќе биде домаќинот Естонија, а на 15 август за противник ќе ја има селекцијата на Чешка.