Болничарката со конго-кримска хеморагична треска прими прва доза „рибавирин“, информираа денеска во изјава за медиуми од Инфективната клиника. Започната е терапијата и истаа ќе се дава и наредните четири дена.
– За жал, првата пациентка од штипското село беше дијагностицирана и почината за неколку часа, што значи дека не можела да биде спасена дури и да имаше лек до нас, рече директорката Милена Стевановиќ.
Таа објасни дека ниту една држава нема ваков тип на лек во залиха.
-Лекарите, организациите кои работат во решавањето на овие големи или помали епидемии на конго-кримска и други хеморагични трески во ендемските подрачја ги имаат и на ваков начин помагаат кога ќе се јават спорадични случаи како што е нашиот, појасни таа и додаде дека во комуникација со колеги инфектолози во целиот регион веднаш по првата информација дека имаме инфекција на конго-кримска хеморагична треска, барале консултации, барале искуства и барале лек.
– Што се однесува на нашата колешка вработена на Клиниката за инфективни болести, таа е стабилна. Влегува во фазата во која се очекува појава на крварење, таканаречена хеморагична фаза. Ноќеска за првпат е забележано лесно, но, е забележано крварење кое се гледа само на избришок од хартија, не е тоа нешто масовна. Меѓутоа, тоа е веќе знак за кој треба да бидеме предпзливи. На денешниот конзилиум на колегите на Инфективната клиника е одлучено и проценето дека веќе денеска треба да почнеме со лекот „рибавирин“ кој е донесен во нашата држава. Се држиме до искуството на оние кои имале највеќе прегледани и лекувани пациенти во светот. И сметаме дека сме на добар пат и правиме исправно со секој преземен чекор во смисла на лекувањето на пациентката, појасни Стевановиќ.
На прашањето дали и покрај овој лек, може да дојде до смртен случај, таа вели дека за жал нема проценки со колкав процент е преживувањето на третманот на овие пациенти се зголемува со давањето на лекот.
-Ниту еден колега, ниту напишан труд не го цитира и не го кажува тоа. Целта е да се помогне, да се пренапрегне пред кризните моменти во развојот на болеста и со се она што е на располагање како искуство да го спроведеме, а дали тоа ќе биде со висок ефект ние тоа не можеме да го кажеме. „Рибавиринот“ е антивирусен лек и целта е да се спречи размножувањето на вирусот, да се намали неговата моќ, наједноставно кажано. Овој лек ние порано сме го имале, и сме лекувале хроничен хепатит Ц како составен дел на терапијата со интеферони. Го немаме повеќе затоа што третманот на хепатит Ц веќе одамна е комплетно променет и таквиот третман е исклучен од употреба, одговори Стевановиќ.
Прашана дали може да настанат компликации од овој лек, таа одговори би можело да има и несакани ефекти и заради тоа во конзилијарното делување во лекувањето на пациентката во континуитет е вклучен и трансфузиолог и хематолог.
Во првиот случај со директно заразување, почина 27-годишна пациентка, по инфекција со каснување од крлеж.