Првиот европски куп во џудо за јуниори и јуниорки – Скопје 2023 ќе се одржи на 12ти и 13ти август, во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, а веднаш по неговото завршување ќе се одржи и Јуниорски тренинг камп, од 14-16 август исто така во салата „Јане Сандански“ во Скопје.
Пред официјалниот почеток на натпреварите од Европскиот џудо куп за јуниори и јуниорки – Скопје 2023 од организацијата велат дека завршени се сите технички подготовки и со нетрпение се
очекува пристигнувањето на натпреварувачите и делегациите.
„По неколку месечна напорна работа, конечно сме подготвени за почетокот на Европскиот џудо куп за јуниори и јуниорки, настан кој дефинитивно ја враќа Македонија на европската џудо мапа. Балканското првенство кое во јуни се одржа во Крушево беше тест за нашите можности, кои ќе ги верификуваме и на овој голем, за македонски услови спортски настан. Очекуваме повеќе од 200 џудисти од цела Европа кои на македонската публика, но и на вљубениците во џудото од целиот регион ќе им понудат одлични борби. Особено нѐ радува фактот што помеѓу овие 200 натпреварувачи имаме 12 наши репрезентативци кои ќе ги бранат боите на нашата земја“, изјави Владимир Трпаноски, претседател на Џудо федерацијата на Македонија.
Согласно предвиденото, официјалните мерења и ждреб се предвидени за во петок, 11 август, а прелиминарните борби започнуваат во сабота во 10 часот. Свеченото отворање е предвидено во 17 часот истиот ден, а по неговото затворање ќе следи финалниот блок кој ќе ги даде имињата на првите шампиони. Борбите продолжуваат и во недела повторно со почеток од 10 часот, а сите натпревари ќе се одржат во спортската сала „Јане Сандански“.
„Во интерес на промоција и популаризација на џудо спортот влезот за сите натпревари кои викендов ќе се одржат во спортската сала „Јане Сандански“ ќе биде бесплатен. Од мое лично име, но и од името на целата федерација сакам да упатам јавна покана до сите вљубеници во џудото, но и во спортот воопшто да ни се придружат на трибините во големата сала на „Јане Сандански“ и да уживаат во дводневниот џудо спектакл кој ќе ни го понудат најдобрите европски јуниори и јуниорки“ – заврши Трпаноски.
Најдобрите европски џудисти во јуниорска конкуренција ќе останат во главниот град на Македонија и во првите два денови од следната недела, за кога е закажан европскиот џудо камп за јуниори и јуниорки.