Прилично раздвижено е летово во албанскиот политички кампус.
По неколкумесечни превирања, ДУИ конечно ја напушти Изет Меџити кој (само дел) од групата на Огнените формира своја партија Демократско движење која ќе биде промовирана в недела на годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Ден претходно своја партија ќе промовира и до неодамна заменик претседателот на Беса, Арјанит Хоџа.
Европската демократска партија предводена од Хоџа ќе биде најновиот политички субјект во албанскиот кампус.
Овие две партии, како и Алтернатива на Африм Гаши треба да бидат дел од таканаречениот опозициски блок кој според замислата, треба да го детронизира ДУИ на следните парламентарни избори.
Но дали неколку нови и мали партии ќе успеат да го поразат ДУИ, партија која речиси две децении е на власт или токму ДУИ ќе профитира од „роењето“ на нови политички партии е прашање за чиј одговор треба да се почека следното изборно соочување.
Дел од познавачите сметаат дека тактиката на опозицискиот фронт ќе даде резултат, додека другите сметаат дека вакво сценарио целосно му оди во прилог на ДУИ.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Тараваи, кој сега е дел од власта, порача дека тој не е против конкуренција, и создавање нови албански политички партии, но смета дека недостасува еден вид на сериозност.
„Станавме 10 партии, цел свет ни се смее. Се стана „каша, попара“, секој се одвојува, не знам ниту кој со кого работи“ посочи Таравари за ТВ 21.
И додека се создаваат нови партии и коалиции, владејачката ДУИ ја фрли ракавицата преку оставките на нејзините министри, со што меѓу редови најави дека воопшто не е исплашена од опозицискиот блок и дека е подготвена веднаш да се соочи на избори.