Петмина од уапсените 105 лица за инцидентите пред стадионот на АЕК, се под лупата на грчката полиција како можни сторители на убиството на 29-годишниот навивач на атинскиот тим, според медиумите во Грција.
Државната телевизија ЕРТ објави дека тројца Грци, еден Хрват и еден Албанец се главните осомничени, со оглед на тоа што кај албанскиот и хрватскиот државјанин, во моментот на апсењето биле пронајдени џебни ножеви со траги од крв.
Од Грците, двајца се навивачи на грчки тим и веќе ѝ се познати на полицијата со оглед на тоа што имаат криминално досие, едниот во минатото бил апсен четири пат, другиот еднаш, додека пак третиот осомничен е идентификуван, но се бара.
Според ЕРТ, продолжуваат лабораториските анализи на генетскиот материјал земен од уапсените хулигани, а на ноктите на жртвата била откриена ДНК на сторителот или сторителите.
Денеска, како што веќе објави МИА, започна процесот на сослушување на првата група од 30 уапсени за инцидентите во понеделникот вечерта.