Во италијански ресторан на гости им наплатиле дополнителни две евра за празна чинија. Имено, извесна Селваџија Лукарели побарала сад повеќе за нејзината ќерка да ги проба тестенините, а на сметката се појавила и таа чинија. Откако посетителката ја објави сметката на својот интернет-простор, и регионалниот гувернер Џовани Тоти јавно го осуди овој потег на ресторанот.
По лавината интернет-коментари, се огласи и Ида Германо, сопственичка на угостителскиот објект „Остерија дел Каволо“ што се наоѓа на брегот на Џеновскиот Залив.
– Трошоците се оправдани бидејќи тоа е повеќе работа за нас… Оти повеќе чинии за нас значат повеќе садови за миење, рече таа.
Инаку, само неколку дена претходно друг турист во Италија објави дека и сечењето сендвич во ресторан на езерото Комо му било наплатено. И тука сопственичката на ресторанот се правдала дека „дополнителните барања имаат своја цена“, пренесува „Ла република“.