Светот и Македонија денеска го одбележуваат Меѓунардониот ден на младите, ден кога сето внимание е свртено кон младите луѓе.
Да се биде млад човек денес во Македонија е да се живее меѓу изборот да се замине или остане, истите дилеми со кои растеа и созреваа и десетици генерации македонски граѓани претходно.
Владата, владејачката СДСМ постојано потенцираат дека во последните години преземале бројни мерки и политики што според нив го унапредиле квалитетот на живот на младите.
„Успеавме да ја намалиме драстично младинската невработеност, преку Гаранцијата за млади, преку Оперативниот план за вработување, но и преку доделување грантови за млади претприемачи и млади земјоделци. Инвестираме и во студентскиот стандард, ги зголемивме студентските стипендии и воведовме за првпат субвенциониран студентски оброк за околу 40.000 студенти“ велат од СДСМ.
Дека младинската невработеност е намалена потврдуваат и Националниот младински совет, но оттаму се загрижени дека не се донесени Законот за младински стандард и Законот за младинска работа, како и тоа дека бавно тече отворањето на Локални младински совети во општините, апелирајќи на поголема вклученост на младите во носењето политики како на локално, така и на централно ниво.
Сѐ ќе биде подобро кога ќе станеме членка на ЕУ?
Во секое истражување на јавното мислење младите во огромен процент се за влез на државата во ЕУ и тоа се чини дека е нивен единствен императив кон подобар квалитет на живот во својата држава.
Да се биде дел од ЕУ значи пристап до пазар од над 500 милиони граѓани, пазар на илјадници стабилни и реномирани и иновативни компании кои отвораат добор платени места секаде низ земјите членки на ЕУ.
Млад човек од Македонија ќе може да работи на пример во Франција, но и млад човек на пример од Виница може да отвори мал производствен погон финансиран од ЕУ фондови, а производите да ги пласира и во Грција, но и во Чешка, Полска, Германија под исти услови како и сите останати производители.
Членството во ЕУ за младите носи и полесен пристап до нови знаења и технологии, нови вештини и вмрежување на младински организации и здруженија со сериозни институции во ЕУ.
Неограничено е полето на можности кога државата ќе биде внатре во Унијата, кога ќе биде рамноправна со останатите земји членки, кога некоја македонска фирма на екстремно олеснет начин ќе ги нуди своите производи и услуги на европскиот пазар.
Зошто уставните измени мора да се случат?
Но сега за сега европската иднина се уште е на „стенд бај“ а причина за тоа се потребните уставни измени кои чекаат да бидат усвоени во Собранието.
Нештата се прилично јасни: без уставни измени нема отворање на поглавјата, а без отворање на поглавјата далеку е членството во Унијата.
Речиси сите политички партии како мантра повторуваат дека приоритет им е иднината на младите и членството во ЕУ, но сепак одредени политички субјекти во реалноста и не постапуваат така.
И додека траат политичките превирања околу уставните измени илјадници млади од Македонија или се пакуваат или преговараат за вработување некаде во државите на ЕУ.
Останатите млади се уште чекаат епилог од процесот на уставни измени, но и ним им станува јасно дека без уставни измени, тие ќе бидат изолирани, додека нивните врсници од Србија, Албанија, Црна Гора, ќе ги уживаат придобивките од ЕУ.