Во Полска се појавија плакати кои ги повикуваат Полјаците да се придружат на „Вагнер“

Серија плакати со логото на руската приватна платеничка група „Вагнер“ се појавија на улиците на Краков, објавија полските медиуми.

Членот на градскиот совет на Краков, Лукаш Вантух, го објави ова на Фејсбук неделава.

„Во Краков се појавија плакати со повик за приклучување кон групата Вагнер. Тоа е начин на провокација, а тоа не се случува само во Краков“, вели тој.

Плакатите со натпис „Ние сме тука. Придружете ни се“ покануваат – на англиски јазик – Полјаците да се приклучат на „Вагнер“, а QR-кодот што ја придружува поканата води до страница на руски јазик.

Полскиот весник „Газета Краковска“ објави дека Бартломиј Издебски, полицаец во Краков, рекол дека полицијата добила дојава за два такви плакати.

„Собираме изјави, фотографии и ќе истражиме“, рече тој.

Полицијата издаде посебно соопштение во кое се вели дека полицајците пронашле такви повици на повеќе локации во градот откако добиле дојава за првиот.

Треба да знаете
Последни објави