Десетици граѓани излегоа попладнево во центарот на косовската престолнина, на протест за поддршка на Владата на Албин Куртии и нејзина одбрана од опозицијата.
На протестот под мотото „Маршираме за Владата, во одбрана на Републиката и суверенитетот“, беше побарано од опозицијата „да биде конструктивна“ во Собранието, како и да се изведат пред суд медиумските аналитичари кои ја критикуваат владата на Албин Курти, а кои, според демонстрантите, работат „против косовската држава“.
Ја повикуваме опозицијата да биде конструктивна во Парламентот и надвор од него, во поддршка на државата и суверенитетот; власта се добива со гласови, не со тупаници; да се изведат пред суд сите аналитичари кои се против косовската држава…, се некои од пораките кои беа истакнати и извикувани на плоштадот „Скендербег“ во центарот на Приштина.
Протестот беше свикан преку Фејсбук од страна на извесен Алберт Шабани, кој се претстави како „загрижен граѓанин од Дреница“, односно од областа во централно Косово која традиционално ги поддржува партиите произлезени од Ослободителната војска на Косово (ОВК), а кои сега се политички противници на партијата Самоопределување на Курти.