Објавен е конкурс за изработка на мурал на фасадата на Културно-социјалниот простор (КСП) Центар – Јадро. Конкурсот треба да се реализира до крајот септември 2023 година. Тематски е отворен, а идејните решенија за муралот треба да ги отсликуваат основните начела/цели врз кои се темели КСП Центар – Јадро.
Право на учество имаат сите уметници кои се државјани или резиденти во Северна Македонија. Тие може да се пријават индивидуално или како групи/колективи. КСП Центар – Јадро обезбедува средства за материјали за изработка на муралот како и авторски хонорар во износ од 20 000 денари. Димензиите на ѕидот се 14х3,5 метри. Планиран период за изработка на муралот е во периодот од 10 до 20 септември 2023 година.
За изборот ќе одлучува жири-комисија составена од истакнати професионалци од областа на културата.
Авторот/ите треба да приложат скици за муралот, краток опис за концептот како и кратка биографија во PDF документ со максимална големина од 5 MB на мејл адресата centar.jadro@gmail.com, најдоцна до 5 септември 2023.
-Со овој отворен конкурс ја продолжуваме иницијативата за изработка на темпорални мурали кои ќе бидат изработувани на фасадата на центарот преку кои ќе се промовира уметноста во јавен простор а менувањетото на изгледот на фасадата ќе го истакне и промовира отворениот модел на инстиуцијата како простор во којшто постои плуралност на идеи и изрази, наведува Центар – Јадро.
КСП Центар – Јадро е прв пример на модел на јавно-цивилно партнерство во земјава.
-Сакаме да покажеме дека се можни и поинакви начини на дејствување, содружништво и поврзување. Оваа институција претставува пример на концепт за создавање професионална креативна заедница. Ваквиот вид установи на нов начин му пристапуваат на просторот и на начинот на неговото управување, користење и програмско осмислување , разноликост и инклузивност, наведуваат од Центарот.