Венеција веќе неколку години се бори против најлошите аномалии на масовниот туризам. Затоа, и во текот на ова лето, во областа на Венеција важат строги правила за посетителите. Во случај на непочитување, на туристите им се закануваат високи казни. Меѓу другото, мора да се внимава на несоодветната облека, а забрането е и скокање и пливање во канали.
Освен тоа, туристите не можат да се релаксираат каде сакаат, забрането е седење или лежење на тротоари, во близина на фонтани, на скали или мостови, пишува Дојче веле.
Градската управа многу би сакала да го ограничи бројот на туристи, особено оние од категоријата таканаречени дневни гости, луѓе кои не преноќуваат во Венеција. Официјалната бројка на туристи кои го посетиле тој град во 2019 година изнесува 5,5 милиони. На таа бројка треба да се додадат и дневните посетители, за реалниот број на гости да биде неколку пати поголем.
Како што покажуваат досегашните искуства, тешко е да се регулира овој вид туризам. Воведувањето на специјални „бикети“, односно дозволи за влез во областа на Венеција за туристи, беше најавувано неколку пати, но и одложувано.
Според сегашните планови, воведувањето на овој инструмент е закажано за следната година. Најверојатно тие „билети“ ќе бидат тестирани 20 дена следната година, во оние денови во кои налетот на гости во градот е особено голем.
-Ова прашање е многу сложено. Градот Венеција е првиот град во Италија кој ја спроведува оваа мерка. Сакаме да бидеме сигурни дека сè е направено како што треба. Венеција нема модел кој треба да го следи – истакна претставникот на градските власти.
Како ќе функционираат овие билети во два лесни чекори? Со резервација на денот кога сакаат да ја посетат Венеција преку апликација. Следниот чекор е да ја платите влезната такса, која ќе чини помеѓу 3 и 10 евра, во зависност од бројот на денови на престој во Венеција.
Жителите и оние што мораат секојдневно да доаѓаат во Венеција, како студентите и работници, нема да го плаќаат овој билет, а се очекува да бидат воведени попусти и за луѓето кои ќе одлучат да поминат повеќе ноќевања во Венеција.