Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во Дневникот на Сител Телевизија зборуваше за усогласувањето на пензиите и нивниот раст, состојбата на пензискиот систем, прашањето за минималната пензија и други актуелни прашања во врска со пензиите.
Министерката во врска со денешниот протест на пензионерите истакна дека министерството е отворено е дека секој граѓанин може да се обрати и достави барања до него, како што беше и средбата денеска со претставниците на Иницијативниот одбор на пензионери на Македонија во просториите на министерството.
Во врска со линеарното зголемување од 3500 денари на сите пензионери што претставува 220 милиони евра годишно, министерката посочи дека ваквото зголемување ќе ја стави под прашање стабилноста на фондот.
„Не е праведно некој кој работел 30- 40 години и исто толку години придонесувал во фондот, да се изедначува со некој кој работел 15 години,”рече Тренчевска.
Таа се осврна на новата методологија која во 2022 година беше усвоена и претставува усогласување со трошоците за живот и просечната плата. Воедно истакна дека методологијата е најреалниот показател за пораст на пензиите. Системско решение со кое пензиите растат на долг рок.
Министерката посочи дека во 2022 година за месеците март, април и мај сите 330.000 пензионери добија финансиска помош од 3000 денари, исто така пензионерите со ниски пензии беа дел од пакетот финансиска поддршка за ранливи категории и им беа исплатени 3000 и 6000 денари во зависност од висината на пензијата.
„За само една година и 8 месеци од овој владин состав пензиите пораснаа за 24 отсто. Минималната пензија беше 9000 денари денес е 12.500 денари, тоа е зголемување за 3500 денари. Воспоставивме систем, и кога ја донесовме новата методологија сите беа задоволни. Јасно е кој стои зад организацијата,” рече Тренчевска.
Министерката посочи дека се прават напори да се внесат што повеќе лекарства на позитивната листа , а со тоа и се намали издатокот за лекови на пензионерите.
Тренчевска се осврна и на пензискиот систем и дефицитот кој претходно беше направен.
„Со добри политики се намалува овој дефицит. Секое едно нереално покачување на пензиите ќе го дестабилизира пензискиот систем. Мора да се води сметка секој пензионер секој месец да добива пензија. И да нема инфлација, ќе има пораст на пензиите согласно порастот на просечната плата,” истакна Тренчевска.
Министерката порача дека барањата ќе бидат разгледани и дека заедно со Сојузот на пензионери ќе се разговара за сите отворени прашања. Бидејќи не се работи за популизам , туку треба да се размислува на системски решенија на долг рок.