Просечниот број на работни часови неделно значително варира од земја до земја во Европа, а најновите податоци на Евростат покажуваат дека во 2022 година најдолго се работело во Турција -во просек 42,9 часа неделно. Зад неа се Црна Гора со 42,8 часа и Србија со 42,3 часа неделно.
Луѓето во балканските земји работат најдолги недели, во споредба со европските земји за кои се достапни овие информации. Во Северна Македонија, според Евростат се работело 39 часа. Подолго од нас работеле луѓето во Грција и Романија (39,7 часа), потоа следат Полска (39,5 часа) и Бугарија (39,2 часа).
На листата на земји со најкратки просечни работни недели во 2022 година, се Холандија (32,4 часа), Австрија (33,7 часа), Норвешка (34,1 часа) и Данска и Германија (и двете по 34,6 часа).
Франција и Италија (и двете по 36,2 часа) имаа малку пониски бројки од ЕУ. Луѓето во Шпанија работеле 36,5 часа неделно, што е само 6 минути повеќе од просекот во ЕУ. Во 2022 година, вработените во ЕУ на возраст од 20-64 години работеле во просек по 36,2 часа неделно. Ова е 24 минути помалку од бројките пред пандемијата од 2019 година.
Новите податоци на Евростат покажуваат дека просечните работни часови низ Европа многу се разликуваат од земја до земја. Работните модели се менуваат во последниве години, стапките на работа од дома се зголемија во ЕУ за време на пандемијата COVID-19, а некои компании сега обезбедуваат пофлексибилни опции за далечинско работење.
Разликите во просечните работни недели помеѓу земјите на ЕУ варираат во зависност од видот на вработувањето, односно со полно или со скратено работно време.
За вработување со скратено работно време, просечната работна недела варира од 17,8 часа во Португалија до 27 часа во Романија во 2022 година. Просекот на ЕУ беше 21,8 часа.