Полска приведе двајца Руси кои дистрибуирале пропагандни материјали на Вагнер групата во полските градови, изјави министерот за внатрешни работи Мариуш Камински.
„Агенцијата за домашна безбедност идентификуваше и приведе двајца Руси кои дистрибуираа пропагандни материјали на групата Вагнер во Краков и Варшава“, напиша Камински на платформата за пораки X, порано позната како Твитер.
Двајцата беа обвинети, меѓу другото, за шпионажа и беа уапсени.
Низа постери со логото на руската приватна платеничка група Вагнер се појавија на улиците на Краков, објавија во саботата полските медиуми. Во последните неколку недели, руските платеници од групата Вагнер се појавија на границата со Белорусија, што полскиот премиер Матеуш Моравјецки го прогласи за обид за дестабилизација на источното крило на НАТО.
Полското Министерство за одбрана најави испраќање дополнителни сили на таа граница.