Со сообраќајната (не)култура се соочуваме катадневно на секој чекор. Ништо ново за македонската метропола. Во деновите на годишни одмори и училишен распуст напнатата сообарќајна атмосфера е малку порелаксирана, но како наближува враќање на секојдневието со „полн гас“ ситуациите со непочитување на сообраќајните прописи стануваат се почести.
На потег од само еден до два километри во Кисела Вода поради градежни активности, се узурпирани тротоари, коловозни ленти, кои го загрозуваат безбедно движење на сите учесници во сообраќајот – автомобилите, пешаците, велосипедистите, тротинетите, мопедите…
Вистинска уметност е како да се пешачи или вози велосипед по тротоар, или по улица каде постојано нешто се копа, прекопува и се остава со недели, месеци да го натапкаат автомобилите за да се „плукне“ асфалт и нова улица да стане крпеница !
Иако улицата „Христо Татарчев“ и булеварот „Борис Трајковски“ не така одмана беа реконстуирани, сега истите пак се прекопуваат ! Дупка до дупка. На коловозот оставено е да штрчи куќиште за водоводен вентил на среде коловоз кој претставува сериозен проблем за автомобилите, на друга старна на крстосница не е крената метална плоча. Фирми кои изведуваат градежни работи со изградба на станбени згради на коловоз оставаат арматура, на тротоар цигли, скелиња… и сето тоа си врви, а кога некој ќе настрада тогаш ќе се бара виновникот.
На сето ова деновиве се надоврза и ископ со градежни машини кои сообраќајот го загушија со стеснување на булеварот од две во една лента што предизвикува метеж, а пешаците во неможност да преминат на одбележаниот премин се принудени да претрчуваат каде ќе им се укаже шанса !