Блокбастерот Барби се соочува со проблеми во некои земји во светот, а последен е Алжир, каде филмот беше забранет поради „промовирање на хомосексуалност и други западни отстапувања“.
Филмот веќе неколку недели се емитуваше во оваа земја и проекциите беа распродадени, но сега е одлучено дека оваа продукција „не соодветствува со верските и културните убедувања на Алжир“.
Алжир не е единствената земја што има таква забрана, бидејќи Либан минатата недела го забрани филмот затоа што „промовира хомосексуалност и сексуална трансформација“.
Во Кувајт е забранет со напомена дека промовира „идеи и верувања што се спротивни на општествениот и јавниот поредок на Кувајт“.
Виетнам го забрани филмот бидејќи во еден момент прикажува мапа на која се прикажани спорните територијални претензии на Кина во Јужното Кинеско Море.
Многу обожаватели беа изненадени од ваквите забрани бидејќи филмот нема директни сексуални референци или експлицитно спомнување на правата на ЛГБТКИ+, а самата Барби нема сексуална анатомија.