САД, Јапонија и Јужна Кореја се очекува да најават планови за проширување на воената соработка во областа на противракетната одбрана и технолошкиот развој во услови на зголемена загриженост за нуклеарната програма на Северна Кореја, јавија светските агенции, цитирајќи двајца високи претставници на администрацијата на Бајден. Тоа ќе се случи кога лидерите на трите земји ќе се соберат на средбата на врвот во резиденцијата на Кемп Дејвид во петок.
Официјални лица, кои сакаа да останат анонимни, рекоа дека на средбата на врвот се очекува да биде претставени широк спектар на иницијативи. Американскиот претседател Џо Бајден ќе ги пречека јапонскиот премиер Фумио Кишида и јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол на еднодневен форум во претседателската резиденција на планината Катоктин во државата Мериленд.
Според нив, иако средбата веројатно нема да доведе до официјален договор во областа на безбедноста, кој ќе ги обврзе земјите на заемна заштита, тројцата лидери ќе се договорат за взаемно разбирање односно регионална одговорност и ќе започнат трилатерална комуникација во време на криза.