Манчини ќе биде нов селектор на Саудиска Арабија

Роберто Манчини ќе стане нов селектор на Саудиска Арабија, пишува „Газета дело спорт“. По оставката на селекторската функција на италијанската репрезентација, Манчини наводно добил понуда со која за три години на клупата на Саудиска Арабија, која остана без селектор по заминувањето на Ерве Ренар, ќе заработи 120 милиони евра.

Сепак, тој засега ги демантира тие информации.

„За мене Италија отсекогаш била приоритет. После толку години на оваа позиција добивам различни предлози кои ќе ги проучувам во наредните недели, но во моментов нема ништо конкретно. Така што Саудиска Арабија нема никаква врска со тоа“, изјави Манчини за италијанските медиуми.

За да ја објасни својата одлука, Манчини го впери прстот кон Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ), конкретно кон претседателот Габриеле Гравина, кого ја обвинува за недоверба и кадровски промени, особено за заминување на неговите помошници.

„Размислував за тоа со месеци и беше време да заминам бидејќи кога некои работи, некои ситуации ќе се променат одвнатре без мене, тоа значи дека одиме кон крајот“, објасни тој.
„Според мое мислење, повеќе не бевме на иста бранова должина со раководството на ФИГЦ, секогаш е подобро да се предвиди пред да се случи нешто посериозно. Тоа е одлука што ја донесов со голема тага бидејќи се грижев за „аѕурите“. Ако сакаа да ме задржат, можеа. Дали требаше да заминам порано? Веројатно“, изјави поранешниот тренер на Интер и на Манчестер Сити.

ФИГЦ веќе размислува за Антонио Конте и за Лучијано Спалети како можни наследници на Роберто Манчини.

Треба да знаете
Последни објави