Раководството на Фудбалската федерација на Македонија на својата денешна седница одлучи и покрај резултатската криза на најдобрата македонската репрезентација да му даде шанса на селекторот Благоја Милевски да го одработи договорот до крајот. ФФМ и Милевски имаат договор до крајот на ноември 2023 година. Овој период раковдството на ФФМ ќе го искористи да го пронајде најдоброто решение за „црвено-жолтите“.
Во образложението на својата одлука по денешната седница ФФМ информира дека ја разгледале работата и постигнатите резултати на најдобрата селекција во квалификациите за ЕП 2024 под водство на селекторот, Благоја Милевски и заклучиле дека „на стара слава не се живее“. Незадоволство од постигнатите резултати е впечатокот кои го делат и членовите кои одлучуваат за избор на селектор на националниот тим.
Меѓутоа, имајќи ги в предвид околностите во групата во која се наоѓа македонската А репрезентација во квалификациите за ЕП 2024, распоредот на натпревари кои следува и релативно краткото време до завршување на договорот со актуелниот селектор, е на став Благоја Милевски да продолжи со работа во националниот А тим.
Како што е убаво кога се победува, така е тешко кога се губи, се вели во резимето на УО на ФФМ.
По срамниот пораз на Македонија од Англија (0:7) во Манчестер и претходно од Украина во Скопје (2:3) и покрај убедливата по првите 45 минути од 2:0, отровните стрели кон Милевски почнаа да стигнуваат од сите страни. Актуелниот слектор беше прозван од неговиот претходник Игор Ангеловски – Мрме, кој ги предводеше „црвен-жолтите“ до првиот историски настап на завршница од ЕП-202(0)1, од капитенот со најмногу настапи и постигнати голови во државниот дрес Горан Пандев кој замина во „пензија“, а последен во низата незадоволства се огласи и актуелниот капитен Стефан Ристовски кој најави повлекување од репрезентацијата поради нарушени однеоси со селекторот.
Македонија е во квалифиакциска група Ц со Англија, Италија, Украина и Малта. По три одигртани кола има само една победа во Скопје против Малта (2:1), а до крајот останува да одигра уште пет натпревари до крајот на ноември: 09. септември Македонија – Италија, 12. септември Малта – Македонија, 14. октомври Украина – Македонија, 17. ноември Италија – Македонија и 20. ноември Македонија – Англија.