Советникот на шефот на кабинетот на украинскиот претседател Михаил Подољак денеска изјави дека Украина нема да тргува со своите територии за членство во НАТО.
„Да тргуваме со територија за чадорот на НАТО? Тоа е смешно. Тоа значи намерно да се избере пораз на демократијата, да се охрабри глобален криминалец, да се зачува рускиот режим, да се уништи меѓународното право и да се пренесе војната на другите генерации“ напиша Подољак на социјалната мрежа Икс (Твитер).
Тој додаде дека обидите да се зачува светскиот поредок и триумфот на Путин нема да донесат мир во светот, туку нова војна.
„Очигледно, ако Путин не доживее целосен пораз, не се промени политичкиот режим во Русија, а воените злосторници не бидат казнети, војната дефинитивно ќе се врати со рускиот апетит за повеќе. Обидите да се зачува светскиот поредок и да се воспостави „лош мир“ преку триумф на Путин нема да донесат мир во светот, туку ќе донесат и срам и војна“, изјави советникот на украинскиот претседател.
Тој рече дека тоа се однесува на секој формат на новата поделба на Европа, вклучително и во рамки на НАТО.
Директорот на приватната канцеларија на генералниот секретар на НАТО, Стјан Јенсен, претходно денеска изјави дека Украина би можела да стане членка на НАТО доколку се согласи да отстапи територии што моментално одбива да ги признае како дел од Русија.