По протестот за ослободување на Белери, премиерот Рама порача да не се политизира прашање од албанското правосудство

Политизирање на прашање од албанската правда. Вака албанскиот премиер Еди Рама го оценува протестот што синоќа се одржа во Химара, на кој се бараше ослободување на Фреди Белери, кој е во затвор поради купување гласови, на кој се обратија и градоначалниците на Атина и Солун.

Според него „неприфатливо е избраните функционери на една демократска држава да организираат протест во друга демократска држава, против властите на оваа држава“.

„Но, кој и како денес може да ослободи од затвор албански државјанин од грчка националност, кој како кандидат за градоначалник е обвинет од Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК), дека сторил кривично дело купување гласови – за што Кривичниот законик на Албанија е јасен – а според непроменетата одлука во трите судски нивоа, не може да го остави притворот до завршување на судскиот процес против него?! Дали грчката националност му дава на албанскиот државјанин обвинет од СПАК и задржан во притвор од страна на судовите во земјата, поинаков статус од 48 други албански државјани со албанска националност, вклучително и некои градоначалници од мојата партија, кои денес се притворени под обвинението на истото дело, со идентични одлуки на истите судови?!“, напиша Рама.

Во подолгата реакција на неговата официјална страница на Фејсбук тој му се обраќа и на грчкиот колега Киријакос Мицотакис.

„Покрај задоволството за заедничкиот напредок во топењето на балканскиот мраз и решавањето на ќорсокакот, жалам и загрижен сум, што овој случај, третиран од правдата за обвинението за изборен криминал, се претвора во прашање на правата на грчкото малцинство. Каде и да се свртам за да се ставам „во кожата на другиот“, не можам да најдам пат што ме води до патот на оправдување на овој пристап кон прашањето за правдата и не можам да разберам како може да се реши оваа „чудна“ ситуација на нашите соседи и пријатели, освен ако ја оставиме правдата непречено да си ја врши работата“, наведува Рама.

Тој исто така нагласува дека „денешна Албанија е европска земја со ново примерно законодавство за сите малцинства, каде што грчкото малцинство ги ужива истите слободи и права како и албанската заедница, каде што нашите граѓани од грчка националност избираат и се избираат слободно, како што исто така се случи на годинешните локални избори во Дропул и Финиќ“.

На Белери, кој беше уапсен два дена пред локалните избори, што се одржаа на 14 мај, и од тогаш е во притвор, сите судски инстанци, вклучително и Врховниот суд му го отфрлија барањето за ослободување, за да може да даде заклетва како градоначалик, функција на која беше реизбран.

На протестот во Химара градоначалниците на Атина и на Солун, порачаа албанските власти веднаш да го ослободат бидејќи „во прашање ја доведува евроинтеграцијата на Албанија“. 

Треба да знаете
Последни објави