Фондацијата Отворено општество (ОСФ), основана од милијардерот Џорџ Сорос, се повлекува од голем дел од своите активности во Европската унија или целосно ги суспендира и го насочува своето внимание кон другите делови на светот, според интерните мејлови до кои увид имаше Ројтерс.
Одлуката значи дека хуманитарната мрежа ќе се оддалечи од работата поврзана со внатрешни европски прашања и ќе се фокусира на поголеми, глобални прашања, се вели во е-пошта испратена до вработените.
„Во основа, новоодобрената стратешка насока подготвува повлекување или прекинување на големи делови од нашата тековна работа во рамките на Европската унија, префрлајќи го нашиот фокус и распоредувајќи ресурси во други делови од светот“, се вели во е-поштата.
Во јуни беше најавено дека 93-годишниот финансиер Сорос својата фондација вредна 25 милијарди долари, која финансира бројни невладини организации во светот, ќе му ја предаде на синот Алекс, а во јули беше објавено дека 40 отсто од вработените ширум светот ќе бидат отпуштени како дел од стратешките промени.
Внатрешната е-пошта не открива детали за тоа како фондацијата ќе ги прераспредели своите средства, но портпаролот рече дека организацијата ќе продолжи да ги поддржува групите на граѓанското општество низ Европа, вклучително и оние кои работат на прашања од надворешната политика на ЕУ, и ќе продолжи да ги поддржува ромските заедници на континент.
Џорџ Сорос, унгарски Евреин кој емигрирал по Втората светска војна, се збогатил во Соединетите Американски Држави и долго време поддржува групи кои ги промовираат вредностите на либерализмот, демократијата и отвореното општество во Источна Европа.
Организацијата годишно издвојува околу 1,5 милијарди долари и ќе продолжи да финансира програми во Европа, вклучително Украина, Молдавија, Киргистан и Западен Балкан преку национални фондации, рече портпаролот на ОСФ.
„Нашата работа во Европа отсекогаш била ентитет што се развива и овие нови промени не се исклучок од тој долгорочен тренд“, додаде портпаролот.