Фудбалерите на Манчестер Сити го освоија трофејот во Суперкупот на Европа, откако подобро изведуваа пенали од Севиља (5-4 пен, 1-1). Пресметката на „Георгиос Караискакис“ во Атина ги исполни очекувањата, бидејќи понуди голови и шанси на двете страни. Шпанците имаат за што да жалат бидејќи во вториот дел имаа неколку колосални шанси кои не ги искористија, пред Кол Палмер да погоди за егал. Потоа во пенал рулетот, „граѓаните“ беа посконцентрирани и победија.
Стартот на натпреварот му припадна на фаворитот и европски првак. Јасин Боно беше ставен на два сериозни теста, откако се обидоа Натан Аке со глава и Џек Грилиш со удар од далечина, ама Мароканецот беше присебен. Иако Сити повеќе ја имаше топката, до водство дојде Севиља. Течеше 25. минута кога Јусеф Ен-Несири покажа што знае во скок играта. Напаѓачот на тимот од Андалузија ги натскока најскапиот стопер Гвардиол и неговиот партнер Аке, па со глава го матира Едерсон за водство од 0-1. До полувремето Сити се обидуваше да се наметне, а ривалот му дозволи да игра, меѓутоа далеку од голот на Боно.
Изненадувачки беше стартот на продолжението. „Граѓаните“ не успеаја да направат сериозен притисок, премногу грешеа и поради отворената игра беа под закана. Севиља имаше неколку контра напади од кои требаше да дојде до погодок, меѓутоа во два наврати Ен-Несири и еднаш Хесус Навас не успеаја да ја удвојат позитивата. Казната за промашувањата пристигна во 63. минута преку младото крило Кол Палмер. Англичанецот побегна од чуварите на втората статива, па по нафрлување од Родри со глава го лобува Боно за израмнувачки 1-1.
Севиља можеше веднаш да се врати во водство, ама Едерсон му фати нов зицер на Ен-Несири. Оттогаш тргна притисокот на Сити, а шпанскиот колектив буквално се „тресеше“ пред опасните напади на фаворитот. Добри шанси пред голот на Севиља имаа Палмер и одлично чуваниот Ерлинг Халанд, ама безуспешно. Откако немаше погодоци во регуларното време, мечот влезе во пенал серијата.
Двете екипи тргнаа сигурно во пенал-рулетот, промашување немаше по првите девет пенали, а прв кој не реализира беше Немања Гудељ. За Сити погодуваа Халанд, Алварез, Ковачиќ, Грилиш, Вокер а за Севиља стерлаа Окампос, Мир, Ракитиќ, Монтиел.