ФК Тетекс денес испрати соопштение до јавноста потенцирајќи дека како на фудбалска екипа не им е дозволено користење на двата фудбалски стадиони.
Велат дека имале повеќемесечни безуспешни обиди со општината за да им се овозможи да го користат стадионот.
– Ја користиме оваа прилика за да ја запознаеме пошироката јавност дека во моментов на стариот градски стадион, но и на новиот градски стадион, ФК Тетекс, ФК Љуботен и ЖФК Љуботен немаат право на нивно користење, тренинзи, одигрување на натпревари во лигата од засега непознати причини! Ексклузивно право на користење на двата стадиони има само ФК Шкендија! Се запрашуваме, дали во 21-от век е нормално само поради тоа што сме МАКЕДОНЦИ кои живеат во Општина Тетово да немаме право на тренинзи на природна трева?Со месеци, односно поточно од февруари навака одржани се неколку состаноци со градоначалникот и со челниците на општинската власт, но, од нив нема никаков договор и реализација на нашите барања, се вели во соопштението на ФК Тетекс.
Од таму посочуваат дека во минатото без никакви проблеми, со меѓусебна координација, сите клубови тренирале и ги играле своите натпревари на овие два стадиони.
– Денеска, наместо да се работи на што поголема кохезија кога е спортот во прашање, очигледно некои работаат на тоа македонските клубови да се дестабилизираат и дефоксуираат од целта. Во истиот контекст, сакаме да потенцираме дека на стариот градски стадион се наоѓаат и нашите простории, соблекувална, простор за перална и слично, а тренинзите и натпреварите се играат на стадиончето на АМС, на вештачка трева. Чиста небулоза! Па оттука сакаме да прашаме: Дали Шкендија е единствен клуб од Тетово кој има право на ова или се игра некоја друга игра во позадина? Апелираме до општинските власти за итно свикување на заедничка средба на сите тетовски фудбалски клубови и под нивно покровителство итно да се изнајде решение за овој проблем, без никој да е оштетен. Во спротивно, ќе бидеме принудени да повикаме на протести се додека не обезбедиме фундаментални право за спортот и развој на спортскиот дух кај младите, стои во соопштението на ФК Тетекс.