Маж од американската сојузна држава Тексас ќе мора да ѝ плати отштета од 1,2 милијарди долари на поранешната девојка, затоа што на Интернет објавувал нејзини интимни фотографии, одлучи Судот.
Жената изјавила дека нејзиното поранешно момче ги објавувало фотографиите без нејзина согласност. Тие се направени од камери во куќата каде што таа живеела, а тој ги објавил на лажни профили на социјалните мрежи. Тој притоа ги означил пријателите, семејството и работодавците на жената. Уште повеќе, отворил и интернет-страница преку која ги испраќал интимните содржини и по електронска пошта.
Човекот не се појавил на Суд, не најмил адвокат, ниту се јавил на поканите за рочиштата. Адвокатите на жената барале да ѝ се исплати отштета од 50 милиони долари за душевната болка досега, 50 милиони за идната душевна болка и 900 милиони за казнена отштета. За „Вашингтон пост“ тие изјавија дека полицијата не одговорила на повеќекратните пријави на жената за малтретирање од страна на нејзиното поранешно момче, што ја поттикнало да поднесе граѓанска тужба.
Крајната пресуда е: 100 милиони долари за душевната болка досега, 100 милиони за идната душевна болка и милијарда долари за казнена отштета.
– Благодарни сме што поротата зазеде силен став против грозоморното однесување на обвинетиот и против злоупотребата заснована на фотографии, рече адвокатот Бредфорд Гилд.
Од 2015 година, законот во Тексас го прогласи споделувањето интимен визуелен материјал без дозвола на лице и со намера да се наштети – за кривично дело. Ова е познато како „одмаздничко порно“. Казната може да биде и парична и затворска. Вкупно 48 американски сојузни држави имаат слични закони против „одмаздничкото порно“.