Индустриското производство во еврозоната се зголемило за 0,5 отсто месечно во јуни, објави денеска Евростат. Овој резултат ги изненади пазарите, кои предвидуваа пад на производството за 0,1 отсто во однос на мај, а најмногу придонесе растот во областа на производството на енергија – за 0,5 отсто.
Месечното индустриско производство најмногу се зголемило во Ирска – за 13,1 отсто, Данска – 6,3 отсто и Литванија – 3,2 отсто, а најмногу паднало во Шведска – за 5,3 отсто, Финска и Малта – за 3,3 отсто и Белгија – 3,0 отсто.
На годишна основа, индустриското производство во еврозоната падна за 1,2 отсто во однос на минатиот јуни, додека експертите предвидуваа многу поголем пад од 4,2 отсто. Индустриското производство на годишно ниво најмногу падна во Естонија – за 12,7 проценти, Бугарија – 9,3 проценти и Белгија – 7,6 проценти, а најмногу се зголеми во Данска – за 12,3 проценти, Ирска – 8,3 проценти и Словачка – 3,6 проценти.