Див пазар за земјоделски производи веќе извесен период функционира во населба Ново Лисиче, односно на паркингот кај трговскиот центар Лиса.
Како што може да се забележи на фотографиите испратени од еден наш читател, пред неколку автомобили се извадени гајби со зеленчук и овошје, кое лица на диво им ги продаваат на граѓаните.
Тезгите се поставени на пешачка патека со што се попречува движењето на граѓаните, а најдосетливите „пазарџии“ дури си поставиле и чадори за заштита од сонцето.
На истиот паркинг се паркираат и меѓуградски автобуси, но и камиони кои вршат комерцијална дејност.
Жителите од овој крај на Скопје велат дека секоја недела се жалеле во општината, но оттаму ништо не се презема, освен што општински претставници констатирале фактичка состојба, но веднаш си заминувале, а хаосот останувал.
Сето ова освен што предизвикува метеж со паркирањето, го отежнува и движењето на граѓаните, особено на децата и највозрасните кои поради непрописно поставени тезги, непрописно паркирани автобуси и камиони, мора да се движат среде паркингот, наместо по тротоарот.