Андоновски поднесе оставка од селекторското место на САД

Селекторот на женската фудбалска репрезентација на САД Влатко Андоновски поднесе оставка, јави Асошиетед прес повикувајќи се на лице запознаено со одлуката. Македонецот реши да ја напушти функцијата поради раната елиминација на Светското првенство кое е во тек.

Американките кои ја бранеа титулата, на Мундијалот во Австралија и Нов Зеланд беа елиминирани во осминафиналето, порано од кога било досега. Четирикратните шампиони на турнирот не беа во препознатливата форма. Во групата го победија Виетнам и ремизираа со  Холандија и Португалија, по што едвај се пласираа во нокаут фазата.

Претходно САД на Мундијалите никогаш не завршиле полошо од трето место на Светското првенство.

Четириесет и шестгодишниот Андоновски беше именуван за селектор на Соединетите Американски Држави во октомври 2019 година. Под негово водство Американките забележаа 51 победа, пет нерешени и девет загубени натпревари. 

Треба да знаете
Последни објави