Андоновски ја напушти селекторската позиција кај репрезентацијата на САД

Селекторот на женската фудбалска репрезентација на САД, Македонецот Влатко Андоновски – Шате си поднесе оставка на функцијата, пренесе Асошиетед прес. Македонецот реши да ја напушти функцијата поради раната елиминација на Светското првенство кое е во самата завршница во Австралија и Нов Зеланд. Американките ја бркаа третата титула по ред, но завршија во осминафиналето, кога изгубија од Шведска. САД никогаш не беа пласирани полошо од третото место на светските првенства.

Четирикратните шампионки на турнирот не беа во препознатливата форма. Во групата го победија Виетнам и ремизираа со Холандија и Португалија, по што едвај се пласираа во нокаут фазата.

Четириесет и шестгодишниот Андоновски беше именуван за селектор на Соединетите Американски Држави во октомври 2019 година. Под негово водство Американките забележаа 51 победа, пет нерешени и девет загубени натпревари.

Треба да знаете
Последни објави