Денес сме тука како лидери и претставниците на нашите партии – АлтернАтивА, Движење БЕСА и Демократско движење – да упатиме една мошне важна порака во пресрет на предлогот за потребата од отворање на Уставот, се вели во писмената реакција на Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити.
-Како што многупати сме изјавиле, за нас нема дилема дека европската интеграција е највисоката политичка, партиска и национална визија, од која не само што нема алтернатива, туку ваквата заложба го подразбира и секој наш чекор на политичкото дејствување и соработката со другите.
При оваа прилика, додека зборуваме за стратешката определба за интеграција во ЕУ, денеска сме тука да пренесеме неколку пораки:
Најпрво, бараме од претседателот на Собранието итно да ја стави на гласање потребата од промена на Уставот, со цел да ја поминеме што побргу првата фаза на уставните измени и да влеземе во суштинскиот процес на тие измени.
Освен тоа, го повикуваме да не се крие зад неоснованите оправдувања, туку да ги стави амандманите за измена на навредливото именување „20%“ за албанскиот јазик, како и амандманот против застареност на случаите на политичка корупција. Меѓуетничката кохезија и борбата против корупцијата се европски вредности и принципи, исто како и обврската за добрососедските односи, ако не и повеќе.
Кога сме овде, ги повикуваме сите пратеници, без разлика на нивната политичка, етничка и идеолошка припадност, итно, без дискусија и без никакво одлагање, да гласаат за потребата од промена на Уставот и предложените амандмани! На овој начин, сите ние докажуваме на која страна сме и која е нашата стратешка определба.
И додека зборуваме за ова гласање, доколку на краток рок не се обезбеди потребното мнозинство за гласање на првата фаза од уставните измени, ќе биде јасно дека овој парламентарен состав нема капацитет да ги деблокира преговорите за ЕУ интеграција. Ако ова се покаже како точно, не треба да губиме ни час повеќе. Во тој случај, односно доколку нема доволно мнозинство да се гласа првата фаза од уставните измени, повикуваме да се гласа за распуштање на Парламентот и распишување на предвремените избори, за да се бара друг парламентарен состав кој ќе има капацитет и политичка волја за протуркање на интегративните процеси кон Европската Унија.
Ние сме тука да го поддржиме процесот и да водиме битка со сите оние кои го попречуваат овој пат, било со одлагање, како што тоа го прави власта, било со одбивање, како што го прават некои опозициски партии.