Новата учебна година во Романија може да започне со протести

Новата учебна година во Романија можно е да започне со протести, предупреди лидерот на Националната синдикална федерација „Алма Матер“ Антон Хадар во интервју за Диги24.

Причината за новиот бран на зголемени незадоволства е тоа што законот за плати не е готов, иако Владата на 15 јули им вети на наставниците дека законскиот акт ќе биде финализиран.

– Помина повеќе од еден месец и сè уште е во фаза на дискусија, коментира Хадар. Тој исто така рече дека доколку наставничкиот колектив не го види ветеното зголемување на платите во новиот закон, тие повторно ќе излезат на улица од 1 септември.

– Не сме го виделе законот во неговата конечна форма, не се водеа повеќе преговори со нас. Замина Будаи, дојде Симона Букура-Опреску, со која не видовме очи во очи по прашањето за платата, сподели Хадар.

Генералниот штрајк на наставниците во Романија започна на 22 мај и првично вклучи над 150.000 наставници. На првиот ден предизвика хаос во училиштата и ризикуваше да го одложи националното екстерно оценување и да го наруши крајот на учебната година.

Илјадници претставници од образовниот сектор неколкупати излегоа на улиците на Букурешт и другите поголеми градови во земјата за да го изразат своето незадоволство од ниските плати. Тогаш властите им ветија на наставниците дека новиот закон ќе опфати зголемување на платите за 50 отсто од 1 јануари 2024 година.

– Доколку законот не влезе во парламентот до 1 септември, тоа ќе значи дека тие не го спровеле ветеното. Преостанатите две недели не ни даваат многу надеж дека законот ќе биде завршен. Сакаме да се одржат ветувањата. Претседателот рече дека ќе биде со нас. Доколку не се испочитува договорот, ќе продолжиме со протестите, иако не е добро вака да ја започнеме новата учебна година, рече синдикалниот лидер.

Треба да знаете
Последни објави